08.04.2023 Скопје
Американското Министерство за надворешни работи соопшти дека Џејмс Рубин, специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, во посета на Република Северна Македонија доаѓа идната недела за да разговара со македонските власти за борбата против дезинформациите.
Од 10 до 14 април, Рубин ќе ги посети и Црна Гора и Албанија.
На средбите на Рубин со властите од трите земји се очекува да се разговара и за дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
Рубин беше чест гостин на Балканот како портпарол на Стејт департментот во време на војната на Косово и на НАТО-бомбардирањето на Југославија и како помошник државен секретар од 1997 до 2000 година, за време на мандатот на претседателот на САД, Бил Клинтон.
„Во Подгорица и Скопје, специјалниот пратеник Рубин ќе се состане со владини претставници за да ја зацврсти поддршката за иницијативите за борба со дезинформациите. Тој ќе разговара за напорите на Русија, Народна Република Кина и други помали актери кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност низ целиот свет, и како нашите нации можат колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор“, соопшти американското министерство за надворешни работи.
За време на престојот во Тирана, специјалниот пратеник Рубин ќе ќе учествува на состаноци со американските амбасадори од Западен Балкан.
Подготвено од А.Ѓ.