25.04.2023 Скопје
Синдикалната организација на Државниот испитен центар (СОДИЦ-СФДМ) од вчера стапи во Генерален штрајк, поради недобивање на согласност на Барањето за изменување и дополнување на колективниот договор од страна на Министерството за финансии, a со цел заштита на економските и социјални права на своите членови.
Сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар (Државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународно тестирање ТИМС итн.) ќе бидат запрени до добивање на согласност од Министерството за финансии, се наведува во соопштението од Синдикалната организација.
„Сите 29 вработени се членови на синдикатот и состојбата на штрајк која би траела подолго од една недела би значела невозможност да се спроведе државната матура. Апелираме Министерството за финансии итно да даде согласност на веќе потпишаните измени на колективниот договор со која вработените би добиле достоинствени плати (во овој момент 11 од вкупно 29 вработени на различни позиции се изедначени и имаат минимална плата од 20 000 денари)“, истакнаа од синдикатот на Државен испитен центар.
Подготвено од М.Н.