27.04.2023 Скопје
Република Северна Македонија ќе добие закон за донирање вишок храна со кој храната која останува по рестораните и киосците за брза храна, легално ќе се донира на ранливите категории граѓани. Со законот се предвидуваат и казни затвор доколку не се испочитува некоја одредба за преземање и донирање храна.
Законот за донирање вишок храна најпрво беше предложен пред четири години, но до овој момент немаше услови за негово донесување.
Донирањето дополнително ќе се мотивира и со зголемените цени за фрлање на храната во депонија, кои досега ги плаќаа кафеанџиите, а овој пат се предвидени трипати повисоки цени.
Душко Христов, раководител на „Банката за храна“, ја поздравува оваа одлука и истакна дека овој закон ќе го регулира целиот процес. Воедно, додаде дека ова е многу сложен процес, кој треба добро да се осмисли и да се спроведе за да бидат задоволни сите страни.
Христов додаде дека за да се подели вишокот храна, тој што ја дели мора да има возило ладилник и при преземање ќе треба да има соодветни садови во кои ќе се дели храната.
За да се донира храната што останува, потребно е да се исполнат неколку услови: да имаат соодветно складиште за храната кое ќе се одржува свежа, да има соодветен превоз и вработено лице за таа намена.
Според Предлог-законот, планирано е да се направи регистар на сите фирми што имаат вишок храна. Тие ќе добијат пасворд со кој ќе влегуваат на одредена платформа, на која ќе пријавуваат колку вишок храна имаат. Народните кујни ќе бидат должни да ја преземат и да ја поделат, а потоа на истата платформа ќе треба да пријават дека храната е стигната до крајните корисници за да нема злоупотреби. Преземањето храна ќе биде на принципот „прв дојден – прв услужен“. Законот предвидува големи парични казни, затворање на објектите, дури и казни затвор за спречување злоупотреби.
Од народните кујни велат дека досега вишокот храна се третираше како донација, објаснувајќи дека оброците стигнуваат кај нив во возила, по што се делат на крајните корисници, но сè се правеше премолчено, бидејќи немаше законско решение. Оттаму се надеваат дека системот што ќе се воспостави, конечно ќе профункционира, ќе биде добар и ќе се почитува.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) ја рангира Република Северна Македонија на осмото место во светски рамки според количеството фрлена храна во однос на бројот на жители. Најмногу се фрла овошје и зеленчук, а најмалку живина и риба.
Подготвено од А.Ѓ.