25.04.2023 Скопје
Во голем број на градови низ цела Бугарија вчера се одржаа масовни протести против учеството на Бугарија во операциите на Северноатлантската алијанса.
Демонстрантите жестоко извикуваа „Бугарија е зона на мирот“, „Сакаме мир, а не војна!“ и „НАТО надвор!“. Тие порачаа дека Бугарија не треба да учествува во воени конфликти, дека треба да се затворат воените бази на НАТО и да се зачува суверенитетот на земјата, а исто така ја повикаа и владата да одбие да испорача оружје на Украина.
Најмасовен беше протестот во Софија каде демонстрантите се собраа пред Националната палата на културата, а потоа шетаа низ главните градски улици кон зградата на Владата, претседателската администрација и Парламентот.
Следните протести под името „Бугарија – зона на мирот“ ќе се одржат за еден месец, поточно на 21 мај.
Илјадници луѓе исто така потпишаа и петиција за организирање референдум „за мир и суверенитет“. Граѓаните на Бугарија го изразија своето верување дека тоа ќе помогне „да се заштити земјата од вовлекување во војна“, да им овозможи сами да изберат каква ќе биде нивната иднина.
Подготвено од М.Н.