Image by vwalakte on Freepik

03.04.2023 Скопје

Наставниците во Англија масовно ја отфрлија владината понуда за плати со цел да се прекине серијата штрајкови, соопшти денеска нивниот синдикат, најавувајќи уште два дена штрајк.

Националниот образовен синдикат, најголемиот британски образовен синдикат, рече дека 98 отсто од наставниците кои гласале го прифатиле нивниот совет и ја одбиле понудата за еднократна исплата оваа година од 1.000 фунти и просечно зголемување на платата за 4,5 отсто за следната финансиска година.

„Овој пример на масовно отфрлање на владиниот предлог треба јасно да и стави до знаење на секретарката за образование Џилијан Киган дека мора да се врати на преговарачката маса со многу подобар предлог“, велат од синдикатот.

Во соопштението се вели дека владината понуда покажува неверојатен недостиг на проценка и разбирање на очајната состојба во образовниот систем.

Десетици илјади наставници ширум Велика Британија ја прекинаа работата оваа година во повеќекратни штрајкови, барајќи зголемување на платите за да се покрие инфлацијата, која ги испразни училниците и го зголеми притисокот врз премиерот Риши Сунак да помогне во решавањето на спорот.

Синдикатот најави дека нови штрајкови се закажани за 27 април и 2 мај.

Владата тврди дека новите зголемувања само ќе ја влошат инфлацијата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author