13.04.2023 Скопје
Речиси и нема човек кој не се обидел да си постави дијагноза преку пребарување на симптоми на Интернет. Еден од најчестите симптоми во пребарувачот Гугл е болката во рамото.
Иако во повеќето случаи овој тип на болка поминува сам по себе, постојат ситуации во кои болката во рамото може да укажува на многу сериозни состојби. Еден од нив е рак на белите дробови, а другиот е акутен холециститис, односно воспаление на жолчното кесе.
Со воспалението на жолчното кесе најпрво се појавува остра болка во горната десна страна на желудникот, која се шири кон десното рамо. Длабокото дишење може да ја влоши болката, која може да трае неколку часа.
Зошто се јавува воспаление на жолчното кесе?
Акутен холециститис се јавува поради блокирање на екскреторните жолчни канали со камења. Тогаш жолчката се акумулира во внатрешноста на жолчното кесе, предизвикувајќи иритација и притисок, што може да доведе до надуеност и инфекција.
Акутниот холециститис е потенцијално сериозен поради ризикот од компликации, вклучително и сепса, како и фатален исход. Најчесто се лекува со одмор, инфузија и антибиотици пропишани од лекар.
Иако воспалението на жолчното кесе може да се појави во секое време од годината кај лицата со жолчни камења, практиката покажува дека акутниот напад се јавува главно за време на празниците поради внесување на големи количини калорична храна.
Покрај болката во горниот дел на стомакот и рамото, воспалението на жолчното кесе е придружено и со други симптоми. Тоа се висока температура придружена со треперење, гадење и повраќање, потење, губење на апетит, жолта промена на бојата на кожата, како и белки кои добиваат жолтеникав тон и, конечно, надуен стомак.
Подготвено од А.Ѓ.