srbija i kina

13.04.2023 Скопје

Србија и Кина вчера потпишаа меморандум за разбирање за формално започнување на преговорите за слободна трговија меѓу двете земји.

Меморандумот во Пекинг го потпишаа министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ и министерот за трговија на Кина, Ванг Вентао.

Момировиќ истакна дека една од главните задачи во наредниот период е имплементацијата на Договорот за слободна трговија, што ќе им даде нови можности на српските компании на кинескиот пазар, а од друга страна, кинеските компании ќе постигнат уште поголем успех во Србија.

Очекуваме следната година, кога ќе стапи на сила овој договор, нашиот извоз да надмине две милијарди долари, што ќе биде вистински успех“, изјави Момировиќ, пренесува Срна.

Тој посочи дека економските односи меѓу Србија и Кина се на исклучително високо ниво, а Србија е важен стратешки партнер на Кина на Балканот.

„Ова е уште еден, голем чекор, со цел дополнително зајакнување на нашата економија“, рече Момировиќ.

Тој додаде дека пред 10 години извозот на Србија во Кина изнесувал шест милиони долари, а лани 1,3 милијарди долари, што го потврдува фактот дека заедничките напори постигнале огромен успех и економските односи дополнително се развивале.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author