13.04.2023 Скопје
Претседателот на Америка, Џо Бајден, му оддаде почит на неговото ирско наследство додека илјадници луѓе се собраа да го поздрават на улицата од каде потекнува неговото семејство. Во говорот во пабот во округот Лаут, Бајден истакна дека при посетата на областа што ја напуштил неговиот прадедо „се чувствува како да се враќа дома“.
Од толпата луѓе имаше извици „добредојдовте дома, Џо“, во моментот кога Бајден пристигна во Дандалк за да и се обрати на публиката, вклучително и некои од неговите роднини, во градскиот бар Виндзор.
Претседателот, исто така, ја посети продавницата „Дандалк“ во сопственост на Џером Мекатер, кој истакна дека му е чест да му продаде на Бајден некои слатки задоволства, вклучително и меренга од лимон и чоколадни еклери.
Претседателот на САД, Џо Бајден, е во тридневна посета на Република Ирска. Откако помина кратко време во Северна Ирска по повод одбележувањето на 25 години од мировниот договор од Велики петок, и по средбата во Белфаст со британскиот премиер Риши Сунак, Бајден отпатува во Ирска за да се сретне со далечните роднини на полуостровот Кули и селото Карлингфорд во округот Лаут на источниот брег на Ирска.
Подготвен од М.Н.