australija bezbednost

25.04.2023 Скопје

Австралија треба да троши повеќе на одбраната за да произведе своја муниција и да развие ракетна способност со долг дострел, бидејќи воената моќ на Кина претставува регионален безбедносен предизвик, се вели во анализа на владата во Канбера.

Одбранбениот стратешки преглед го поддржува таканареченото партнерство AUKUS меѓу Австралија, САД и Велика Британија, кои постигнаа договор во март за создавање австралиска флота од осум подморници напојувани со американска нуклеарна технологија.

„Ги поддржуваме стратешките насоки и клучните наоди наведени во прегледот, што ќе ја зајакне нашата национална безбедност и ќе ја обезбеди нашата подготвеност за идните предизвици“, рече Ентони Албанес, премиер на Австралија.

Јавната верзија на доверливиот преглед препорача австралиската влада да троши повеќе за одбрана отколку сегашната распределба на два отсто од бруто домашниот производ, да ја подобри способноста на австралиските одбранбени сили прецизно да ангажира цели на подолги дострели и самостојно да произведува муниција во Австралија.

Други препораки вклучуваат подобрување на способноста на силите да оперираат од австралиските бази на север и продлабочување на одбранбените партнерства со клучните партнери во индо-пацифичкиот регион, вклучувајќи ги Индија и Јапонија.

Според анализата, кинеското воено засилување „во моментов е најинтензивното и најамбициозното во светот“ од крајот на Втората светска војна.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author