26.04.2023 Скопје
Граѓанската иницијативата „Тетово сака парк“, која од февруари минатата година активно се бори за воспоставување на прв градски парк во Тетово, преку објава на социјалните мрежи им порача на Општината и на градоначалникот Биљал Касами пред посетата на Тетово на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, да ѝ го покажат градскиот парк, па „и заедно да засадат дрво – добро позната пракса и пријателски гест во современиот свет“.
Доколку ова изгледа премногу нормално за г. Касами или му текне дека нема парк во неговиот град, нека се разгледа предлогот на високата гостинка да ѝ биде покажан нашиот урбанистички дострел „Девастирано централно градско подрачје“ како и „Суспендиран ДУП (ШИК ’Јелак‘) на кој несуспендирано се гради, потенцираа активистите од граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“.
Инаку, граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ покрена иницијатива да се изгради градски парк, нешто што на Тетово со децении му недостасува, во спорниот урбан блок 57А во Тетово. Станува збор за проширување на зелената површина во источниот дел од Тетово, на влезот од Скопје, односно урбанистичка пренамена на два од четирите блокови содржани во предложениот модул, што на градот би му претставил нови 16 хектари зелена површина.
Подготвено од А.Ѓ.