20.04.2023 Скопје
Аеродромите во Дизелдорф, Хамбург и Келн денеска се празни поради штрајкот организиран од германскиот синдикат „Верди“.
Речиси 100.000 луѓе денеска и утре ќе бидат погодени од штрајкови на безбедносните работници на три аеродроми поради зголемените трошоци за живот, а околу 700 летови ќе бидат откажани, соопшти аеродромското здружение АДВ.
Синдикатот соопшти дека преговара со Здружението за безбедност на воздухопловството (BDLS) за да се заложи за зголемување на платите за ноќните смени, викендите и државните празници, но не се гледа напредок.
Штрајкот треба да се прошири утре бидејќи „Верди“ го повика безбедносниот персонал на аеродромот во Штутгарт да им се придружи, поради што аеродромот ги откажа сите полетувања.
На сенароден штрајк на транспортните работници повика и германскиот синдикат ЕВГ, а меѓу загрозените компании е и националниот железнички оператор „Дојче Бан“.
Штрајкот ќе зафати 50 компании и ќе трае утре од 3 до 11 часот, а се очекуваат значителни нарушувања, соопштија од железничкиот и транспортниот синдикат.
Високата инфлација во најголемата европска економија предизвика бран штрајкови во последниве месеци бидејќи работниците бараат повисоки плати за да се надоместат зголемените животни трошоци.
Подготвено од А.Ѓ.