16.03.2023 Скопје
Акните се кожна состојба за која обично се смета дека ги погодува тинејџерите, но тоа не е сосема точно бидејќи акните се вообичаени и кај возрасните.
Дерматологот Кристофер Буник објасни дека честа заблуда е дека акните се тинејџерски проблеми и една од најчестите причини поради која возрасните жени на возраст меѓу 20 и 40 години, на пример, доаѓаат на клиника за дерматологија е поради акните, потенцирајќи дека податоците од клиничките испитувања открија дека приближно 50 проценти од жените во нивните 20-ти, 33 проценти од жените во нивните 30-ти и 25 проценти од жените во 40-тите страдаат од акни.
Како и со секој медицински проблем, наоѓањето на основната причина е клучно за да научите како да се справите со него, па затоа е важно да откриете каков тип на акни имате. Иако можеби мислите дека сите акни се исти бидејќи доведуваат до појава на мозолчиња, причината зошто тие се појавуваат може да ви даде индиции за решение на проблемот. Двата најчести типа на акни вклучуваат хормонални и бактериски акни.
Ако забележите дека мозолчиња се појавуваат околу брадата и вилицата и се влошуваат за време на ПМС и менструацијата, можеби страдате од хормонални акни. Иако хормоналните акни може да се појават и кај мажите, особено за време на пубертетот, тие најчесто се јавуваат како одговор на месечните промени во менструалниот циклус на жената. Ова е особено точно за време на тинејџерските години, бременоста и менопаузата. Хормоналните акни се појавуваат кога вашата кожа произведува премногу себум, или масло, како резултат на брзо менување на хормоните, според Клиниката во Кливленд.
Вишокот маснотии се меша со мртвите клетки на кожата и природните бактерии кои се наоѓаат на кожата и доведува до мозолчиња, бели точки, митесери, а понекогаш и големи цисти. Хормоналните промени може да биде тешко да се контролираат, но малите промени во животниот стил можат да помогнат да се подобрат хормоналните акни, како што се доволно спиење, исхрана, избегнување на висока влажност и загадување на воздухот и никогаш не чепкање на мозолчиња или обид за појава на митесери. Во секој случај се препорачува консултација со дерматолог или козметолог.
Додека хормоналните акни произлегуваат од прекумерно производство на масло, бактериските акни се резултат на прекумерно производство на бактерии. Секој има бактерии на кожата. Тоа е нормален и неопходен дел од микробиомот на кожата. Меѓутоа, кога бактериите ќе се насоберат, тие можат да се мешаат со масло и мртви клетки на кожата и да формираат мозолчиња.
Подготвено од А.Ѓ.