06.03.2023 Скопје
Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни и командантот на копнените сили на вооружените сили на Украина, Александар Сирски се изјаснија за продолжување на борбите во Бахмут и воспоставување позиции во градот.
Ова го соопшти прес-службата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, откако во медиумите се појавија информации за несогласувања меѓу Зеленски и Залужни.
Зеленски, водејќи го штабот на Врховниот командант, на чиј состанок „посебно се разговараше за ситуацијата во Бахмут“, им постави прашање на Залужни и Сирски за понатамошните дејствија на вооружените сили на Украина во овој регион.
Тие го поддржаа продолжувањето на одбранбената операција и натамошното зајакнување на нашите позиции во Бахмут“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на украинскиот претседател.
Весникот Билд, повикувајќи се на свои извори, објави дека ситуацијата околу Бахмут предизвикала спорови меѓу Зеленски и Залужни.
Според германскиот весник, Залужни пред неколку недели разговарал со Зеленски за потребата украинските трупи да се повлечат од Бахмут.
Меѓутоа, претседателот на Украина имаше поинаков став по ова прашање.
Бахмут се наоѓа во делот на Донбас под контрола на Украина и е важен транспортен центар за снабдување на групата украински војници во источна Украина.
Подготвено од А.Ѓ.