24.03.2023 Скопје
Синдикални претставници од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм, денеска со протест пред Министерството за финансии го изразија своето незадоволство од недостоинствено ниските примања на вработените во овие институции.
Оттаму нагласија дека немаат рамноправен третман како останатите вработени во државната администрација и посочија дека речиси 70 отсто од вработените во овие институции земаат плата под просечната.
Претседателот на синдикатот при Министерството за култура, Бранко Костовски, исктана дека Синдикалната организација при Министерството за култура, како и на другите две синдикални организации веќе имаат изготвено предлог-текст на колективен договор кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените и по кој минатата година Министерството за финансии даде негативно мислење, за да само по неколку дена со законот за буџетите се утврди зголемување од 30 проценти за вработените во МФ.
Согласни се дека одговорноста на вработените во Министерството за финансии е огромна, но порачаа дека и нивната работа носи голема одговорност и затоа од Владата, премиерот и министерот за финансии побараа сериозен пристап кон нивните барања.
Костовски нагласи дека за нивните барања имаат поддршка од одговорните во Министерството, а поддршка побараа и од колегите од останатите министерства, за како што рече, заедно да се изборат за она што им следува – достоинствени месечни примања.
Подготвено од А.Ѓ.