28.03.2023 Скопје
Претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски, изјави дека со плата од 25 илјади денари која ја земаат во просек 70 проценти од вработените во секторот култура, месецот не може да се преживее.
Вработените трет ден по ред ќе го изразат незадоволството од своите месечни примања пред Министерството за финансии. Тие испратија апел за средба со министерот Фатмир Бесими, а побараа и потпишување на колективен договор и зголемување на платите.
Костовски на протестот во петокот изјави дека Синдикалната организација при Министерството за култура веќе има изготвено Предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените, за кој минатата година Министерството за финансии даде негативно мислење, но по само неколку дена, како што напомена, со Законот за буџетите се утврди зголемување на платите од 30 отсто за вработените во Министерството за финансии.
Костовски останува на ставот дека ќе бидат присутни секој ден во голем број, се до остварување на целта, односно до соодветно донесено решение за трудот на вработените во овие институции.
Подготвено од М.Н.