23.03.2023 Скопје
На Волстрит, цените на акциите паднаа во средата откако американската централна банка ги зголеми каматните стапки и по пораката на нејзиниот претседател Џером Пауел дека не очекува намалување на каматните стапки оваа година.
Dow Jones се лизна за 1,63 отсто, на 32.030 поени, додека S&P 500 падна за 1,65 отсто, на 3.936 поени, а индексот Nasdaq падна за 1,60 отсто, на 11.669 поени.
Очекувано, челниците на ФЕД одлучија на дводневната седница да ги зголемат клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, на опсег од 4,75 до 5 отсто.
Ова е деветто зголемување на каматните стапки откако ФЕД почна да ја затегнува монетарната политика во март минатата година, но темпото на пораст е забавено.
Оваа нова промена ги разочара инвеститорите кои очекуваа дека ФЕД наскоро ќе го прекине процесот на зголемување на каматните стапки и ќе започне со процесот на намалување на каматните стапки до крајот на годината.
Џером Пауел изјави дека банкарскиот систем е здрав, но дека проблемите во некои банки ќе доведат до заострување на условите за финансирање.
Подготвено од М.Н.