04.03.2023 Скопје
Одложувањето на европската регулатива која предвидува стопирање на автомобилите со бензин и дизел од 2035 година е „заслуга на владата која зазеде цврст став“, изјави министерот за животна средина и енергетска безбедност, Жилберто Пичето Фратин.
Според Пичето Фратин, Италија мора да го брани својот пазар бидејќи најмалку 70.000 работни места со европската одлука се загрозени.
„Сега треба да го промениме времето и целите бидејќи датумот што ги блокира бензинските и дизел моторите е неприфатлив“, истакна тој.
„Оваа битка ја водам извесно време, прво како заменик министер за економски развој, а денес уште повеќе како раководител на секторот за животна средина и енергетска безбедност, но и упорноста на владата доведе до важна политичка победа за Италија“, додаде Пичето Фратин.
Министерот за животна средина и енергетска безбедност, исто така истакна дека, не е прашање колку години за одложување бараат, туку дека нивното барање е постепено да се воведува оваа промена.
Подготвено од М.Н.