17.03.2023 Скопје
Стопанската комора на Република Северна Македонија на денешниот панел „Враќање и задржување на домашниот млад кадар кој студира во Словенија“ истакна дека главните услови за да нема одлив на младиот високообразовен кадар од Република Северна Македонија се добра плата и квалитетен живот. Статистиките покажуваат дека на годишно ниво околу 9.500 млади луѓе ја напуштаат земјата и за да се намали овој тренд, потребно е вложување во образованието за да се усогласи со потребите на бизнис заедницата, а младите стручни лица да се ангажираат во јавниот сектор.
Потпретседателката на Стопанската комора, Елена Милевска-Штрбевска истакна дека државните институции треба да имаат поголема волја, можност и активности за привлекување на овој кадар во нивните институции заради квалитетни услуги кои што се поддршка на бизнисот, а истовремено апелираат да се инвестира во научно-истражувачки институти, лаборатории и други соодветни активности.
Извршниот директор на „Триглав осигурување“, Војдан Јорданов, истакна дека одливот на кадри се забележува во продуктивноста како компании и како приватен сектор се подготвени да превземат мерки за зголемување на атрактивноста како работодавачи.
Самовработување, поддршка на проекти на млади претприемачи преку ФИТР и поддршката што ќе дојде преку Стратегијата за човечки капитал, што ја подготвува Владата, се мерки за намалување на одливот на младите од земјава.
Министерот за финансии нагласи дека заминувањето од дома за подобра и поплатена работа е глобален и регионален феномен. Воедно, Бесими истакна дека главната порака што треба младите со сигурност да ја знаат е дека во Република Северна Македонија тие ќе ја најдат ЕУ и таа е тука во Скопје, ЕУ е во секој град од нашата земја.
Оваа академска година 1.443 студенти од Република Северна Македонија учат на универзитетите во Словенија.
Амбасадорката на Словенија во земјава, Татјана Ковачиќ, истакна дека токму тие студенти ќе ги зајакнат врските меѓу двете земји во иднина и претставуваат инвестиција зашто со стекнатите знаења ќе придонесат за побрз развој на Република Северна Македонија и нејзината интеграција во ЕУ.
Подготвено од А.Ѓ.