17.03.2023 Скопје
Денеска еврокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеји изрази оптимизам во однос на можноста Република Северна Македонија да стане членка на Европската Унија до 2030 година.
Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Скопје со премиерот Димитар Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, Вархеји истакна дека тој е секогаш оптимистичен во однос на членството во ЕУ, бидејќи тоа е всушност неговата работа.
„Како прво секогаш сум оптимистичен за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е да. Апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна. Се зависи од испораката на реформите од страна на Република Северна Македонија. Ние од наша страна сметам дека дадовме многу јасни и силни сигнали, ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави изминатите години ќе видите дека проширувањето е приоритет за нашите лидери и за ЕУ“, истакна Вархеји.
Доколку Република Северна Македонија ги испорача и ги исполни условите за влез во ЕУ, како што нагласи еврокомесарот за проширување, ќе има позитивни одлуки од страна на ЕУ. Воедно, истакна дека 16.Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, кој прв пат се одржува во Скопје, го има покажано високото ниво на ангажман, кое ЕУ го има со Северна Македонија и силните врски со земјата.
Подготвено од Д.Ц.