13.03.2023 Скопје
Во извештајот што денеска го објави Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм (СИПРИ) се наведува дека увозот на оружје во Европа речиси двојно се зголеми во 2022 година, поттикнат од масовните испораки во Украина, која стана трета по големина дестинација во светот.
Со зголемување од 93 отсто во текот на годината, увозот се зголеми и поради забрзувањето на воените трошоци на неколку европски земји, меѓу кои Полска и Норвешка.
Коавторот на извештајот Питер Веземан изјави дека руската инвазија врз Украина навистина предизвика значително зголемување на побарувачката за оружје во Европа, која сè уште не ја покажа својата целосна моќ и што веројатно ќе доведе до дополнително зголемување на увозот на европските земји.
Украина, која до минатата година беше занемарлив увозник на оружје, стана трет најголем увозник во светот во 2022 година, зад Катар и Индија, што е директна последица на помошта од Западот за одбивање на руската инвазија.
Според тој извештај, Украина концентрирала 31 отсто од увозот на оружје во Европа и осум отсто од светската трговија.
Скокот на европскиот увоз бил очекуван поради војната во Украина.
За разлика од Европа, другите континенти забележаа пад на увозот во последните пет години, со значителен пад во Африка (-40 проценти), Северна и Јужна Америка (-20 проценти), Азија (-седум проценти) и Блискиот Исток (-девет проценти).
Што се однесува до извозот во светот во последните пет години, водечки земји и понатаму се САД (40 отсто), потоа Русија (16 отсто), Франција (11 отсто), Кина (пет отсто) и Германија (4 отсто).
Подготвено од А.Ѓ.