08.03.2023 Скопје
Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников денеска апелираше до своите колеги од Европската унија да го поддржат планот за купување милион артилериски гранати, што ќе и помогне на Украина да се одбрани од руски напад.
Зборувајќи со новинарите пред министерскиот состанок во Стокхолм, Резников рече дека на Украина итно и требаат гранати за да се одбрани од руските сили и да започне контранапад.
Тој изјави дека го поддржува предлогот на Естонија до земјите од ЕУ заеднички да се соберат пари за набавка на гранати од 155 милиметри за Украина оваа година, што ќе чини вкупно четири милијарди евра.
Резников рече дека Украина бара од 90.000 до 100.000 гранати месечно.
Украинската војска користи гранати побрзо отколку што можат да ги направат сојузниците, предупредија властите.
„Мора да дејствуваме што е можно поскоро“, рече Резников во присуство на неговиот естонски колега Хан Певкура.
Певкура истакна дека колегите од ЕУ треба да обезбедат дополнителни пари за иницијативата, наместо да користат средства кои веќе имаат претходно одредена воена намена.
Спротивно на тоа, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, предложи план со кој ќе се користат парите што веќе се издвоени за Европскиот мировен фонд.
Запрашан за предлогот на Естонија за дополнителни пари, Борел одговори дека „парите не паѓаат од небо“.
„Сега, бидејќи една земја-членка вели дека треба да имаме повеќе пари, парите нема да се создадат по некое чудо“, рече Борел.
Подготвено од А.Ѓ.