ddv

22.03.2023 Скопје

Управата за Јавни Приходи на Република Северна Македонија истакна дека со измената и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица се овозможи зголемување на максималниот износ на враќање на дел од ДДВ изразен во фискални сметки од 1.800 на 2.100 денари за едно тромесечје.

Овие измени што беа изгласани во Собранието ќе важат од 1 јануари 2023 година. Ова значи дека наместо досегашниот износ од 1.800 денари по лице, повратот на средства може да достигне 2100 денари за едно тромесечје.

Како што соопштија од УЈП, првите зголемени суми, корисниците на апликацијата МојДДВ можат веќе да ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во првото тромесечје, односно за периодот јануари – март 2023 година.

„Со измената и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физичките лица се овозможи зголемување на максималниот износ на враќање на дел од ДДВ изразен во фискални сметки од 1.800 на 2.100 денари за едно тромесечје. Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај за скенираните фискални сметки во првото тромесечје, односно за периодот јануари – март 2023 година“, соопштија од УЈП.

Ова значи дека наместо досегашните 7200 денари годишно, максималниот износ што едно лице кое наполнило 15 години и редовно скенира фискални сметки, може да добие од УЈП поврат на средства од 8400 денари годишно за четирите тромесечја.

Мерката „МојДДВ“ започна да се применува од 1 јули 2019 година, кога наиде на широк интерес кај граѓаните. Од почетокот на мерката МојДДВ, до денеска, на сметките на граѓаните преку оваа мерка легнале околу 6 милијарди денари.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author