uchilnica

01.03.2023 Скопје

Дојавите за бомби и понатаму не стивнуваат, па поради тоа Министерството за образование и наука даде насоки наставата да се префрли онлајн во деновите кога ќе се пријават дојави за бомби. Но, учениците повторно се соочуваат со „удари“ од несоодветното спроведување на наставата.

Денеска во Скопје ученици од повеќе основни и средни училишта се обидувале да се поврзат на апликацијата „Тимс“ за да следат онлајн настава, но безуспешно. Тие не можеле да пристапат до корисничките сметки, и добивале пораки дека лозинките им се невалидни, и од нив се барало да формираат нова сметка и да испратат допис до МОН.

Директори и наставници од основни и средни училишта во Скопје пак, добиле пораки од администраторите од МОН дека има проблем со лиценците за „Тимс“, иако официјален допис од МОН не добиле. Од Министерството пак, демантираат и велат дека апликацијата „Тимс“ функционира.

Додека учениците се секојдневно под стрес од дојавите за бомби, ниедна институција не презема одговорност за да го реши проблемот и конечно да им се стави крај на овие константни петмесечни дојави за бомби. Уште еднаш учениците од основните и средните училишта се колатерална штета на несоодветното преземање на акции за решение.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author