https://www.facebook.com/photo.php?fbid=177092504892522&set=pb.100077753190307.-2207520000..&type=3

17.03.2023 Скопје

За време на посетата во Дебар, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека на Економско социјалниот совет ја имаат донесено одлуката за зголемување на минималната плата, потенцирајќи дека ова системско решение го имаат донесено изминатата година со Законот за измена и дополнување на минималната плата со што имаат вградено систем за постојан раст на платите.

Министерката Тренчевска нагласи дека покрај системското решение за платите, донесено е и системско решение кое гарантира раст и на пензиите. Таа посочи дека новото усогласување на пензиите е 8,4% и истакна дека кога ќе се земе во предвид покачувањето од септември минатата година, усогласувањето во јануари и финансиската помош која ја донесе Владата, направено е многу за пензионерите во изминатиот период.

Тренчевска се осврна и на инвестициите во детската заштита на Министерството за труд и социјална политика. Таа посочи дека во претходните 3 години и покрај тоа што владее криза, растат пензиите, растат платите, но и продолжуваат со капиталните инвестиции.

Како што посочи Тренчевска, еден од најважните приоритети се и најмладите, односно „инвестирање во предучилишното образование“, со што „во изминатите 5 години имаме изградено вкупно 80 објекти со што е зголемен опфатот на деца во предучилишно образование“.

„Покрај инвестирањето во објекти, вложуваме и во човечкиот капитал односно вложуваме во јакнење на капацитетите на негувателите и воспитувачите во градинките“, посочи таа.

Министерката ја објасни и кампањата „Гласна и храбра“ која ја спроведува Министерството за труд и социјална политика во текот на месец март.

„Во пресрет на 8ми март решивме да не говориме за благосостојбата на луѓето само еден ден, туку во текот на цел месец март. Организираме посети на различни населени места и различни целни групи. Целта е да зборуваме за менталното здравје и економското зајакнување. Да зборуваме за предизвиците кои се соочуваат целните групи во различно населено место и да ги креираме заедно политиките. Затоа што политика не се креира во канцеларија, туку во комуникација со граѓаните“, рече Тренчевска.

Подготвено од Д.Ц.

About Author