02.03.2023 Скопје
Апликацијата за видеа ТикТок поставува дневно ограничување од 60 минути на времето поминато на екранот за корисниците помлади од 18 години. Доколку малолетниците ја достигнат границата, ќе мора одново да внесат лозинка за да продолжат да ја користат услугата истиот ден.
Функцијата ќе биде воведена во текот на наредните недели, а младите, сепак, ќе имаат можност да ја одбегнат, односно исклучат ваквата опција.
Платформата за видеа која е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс“ рече дека ја воведува функцијата за да им помогне на луѓето да одржуваат контрола врз времето поминато на екраните на уредите.
Секој малолетник што ќе се откаже од новото ограничување од 60 минути и ќе поминува повеќе од 100 минути дневно на апликацијата, ќе биде охрабрен од ТикТок да постави свои ограничувања за времето поминато на екранот.
Потегот на ТикТок доаѓа откако социјалните мрежи подолго време се соочуваат со истрага околу нивното влијание врз младите корисници, вклучувајќи го и нивниот потенцијал да им прикажуваат штетни содржини на тинејџерите.
ТикТок во моментов се соочува и со зголемен притисок од повеќе земји околу безбедносните грижи за нејзините врски со Кина преку матичната компанија „БајтДенс“.
Подготвено од А.Ѓ.