francija protesti

28.03.2023 Скопје

Франција денеска се соочува со нови штрајкови и протести ширум земјата против плановите на претседателот Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, при што полицијата предупреди дека постои „многу сериозен ризик“ од ново насилство на улиците.

Штрајковите првично беа мирни, но незадоволството се зголеми кога владата го протурка законот во парламентот без гласање во средината на март, а на последниот ден од националните протести во четвртокот, анархистите од „црниот блок“ кршеа излози, демолираа автобуски постојки и ограбија ресторан на Мекдоналдс во Париз.

Слично насилство е забележано и во други градови.

Министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин во понеделникот предупреди дека постои „многу сериозен ризик“ од ново насилство денеска, во главниот град и пошироко.

На штрајковите ќе бидат распоредени околу 13.000 полицајци, од кои нешто помалку од половина ќе бидат во Париз.

Според Дарманин, екстремистичките организации на екстремната левица, од кои некои, како што наведе, доаѓаат од странство, „сакаат да ја запалат Франција“.

Полицијата ги советуваше пазарџиите во Париз во делот на градот каде се одржува протестниот собир денеска да ги затворат продавниците.

Како и за време на претходните прекини на работа од средината на јануари, возовите и летовите ќе бидат во прекин, а некои училишта ќе бидат затворени, додека тековните штрајкови продолжуваат во енергетскиот сектор.

Во понеделникот, најмалку шест од седумте рафинерии во Франција беа затворени или работеа со намален капацитет, а терминалите за течен природен гас (LNG) беа блокирани.

Владата тврди дека законот за пензиите е од витално значење за да обезбеди функционирање на системот, додека синдикатите и демонстрантите велат дека има и други начини да се направи тоа.

Синдикатите бараат од Макрон да го повлече или одложи предлог-законот, кој е усвоен, но се уште не е објавен, додека не биде разгледан од Уставниот совет, за да се смири ситуацијата.

Макрон рече дека е повеќе од подготвен да разговара со синдикатите, но за други теми.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author