23.03.2023 Скопје
Незадоволството кај студентите секојдневно се повеќе и повеќе расте. По повеќемесечна борба и средби со Министерството за образование и наука и понатаму нивните барања не се навремено и целосно исполнети.
Студентите, а и средношколците, изминатите месеци се соочија со доцнење на исплатата на средствата за субвенциониран оброк и стипендии без ниедно претходно соопштение од МОН за причината.
Движењето „Студентски отпор“ со јавно соопштение бара средба со министерот за образование и наука и нивни претставници да бидат вклучени во работните тела кои донесуваат одлуки во интерес на студентите.
„Студентски отпор“ објави соопштение на својот Фејсбук профил со кое се обрати до медиумите и до пошироката јавност. Во соопштението го искажува незадоволството од институциите и „нивниот игнорантски, незаинтересиран однос кон студентите, кој континуирано се зголемува низ годините, а особено изминативе месеци“.
Покрај барањето средба со министерот и вклучување во работни тела, „Студентски отпор“ бара изедначување на стипендиите (ретроактивна исплата и нов анекс на договорите), покачување на дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк на 160 денари, дигитализација и укинување на т.н. „скриени трошоци“ на факултетите, бесплатен/субвенциониран меѓуградски превоз за студентите, прецизни рокови за започнувањето и реализацијата на најавената реконструкција на студентските домови, стипендирање на втор циклус студии, модернизирање на лабораториите на природните и техничките факултети, прецизни рокови за започнување и реализација на изградбата на зградите на ФИНКИ и ДИФ.
„Воедно ја користиме приликата да ги охрабриме и повикаме сите студенти да ни се придружат во нашата борба, бидејќи само сплотени можеме да предизвикаме достоинствени услови за студирање на младите и заедно да ја изградиме иднината“, апелираа од „Студентски отпор“.
Од „Студентски отпор“ истакнаа дека немаат намера да се откажат се до целосно исполнување на нивните барања и ќе настојуваат да ги остварат целите „користејќи ги сите расположливи механизми и средства“.
Подготвено од А.Ѓ.