makedonija

21.03.2023 Скопје

Во извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година евидентирано е дека во Република Северна Македонија преовладува нехуман и деградирачки третман и пренатрупаност во дел од затворските оддели, насилство и закани за насилство кон новинари, сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово-базираното и семејното насилство и кривични дела со насилство и закани од насилство врз ЛГБТ+ популацијата.

Во делот за слободата на изразување и медиумите, се констатира дека според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Владата покажала недостаток на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност. Во извештајот се евидентирани и случаи на закани и малтретирање на новинари. Исто така, се наведува дека заклучно со 15 август ЗНМ имаат добиено осум жалби од новинари, меѓу кои и полициски распити на новинари за „информативни разговори“, спречување на новинарите во вршење на нивната должност, закани и навреди кон новинари за време на нивни работни задачи и несоодветно постапување од владини и локални функционери и членови на партија.

Стејт департментот во извештајот ја цитира и анкетата на Платформата за истражувачко новинарство и анализи, во која 80 проценти од анкетираните новинарки често биле мета на онлајн малтретирање, меѓу кои и закани и онлајн булинг. Ова малтретирање во најголем дел било поврзано со стории објавени од новинарките.

Во извештајот се наведува и дека измината година постоеле голем број наводи за функционери кои биле вмешани во некаква форма на корупција, потенцирајќи дека Владата е најголемиот работодавач во земјата и невладините организации велат дека оваа доминантна улога на Владата во економијата создава можности за корупција, а анкетите постојано покажуваат дека корупцијата е еден од најголемите проблеми за граѓаните.

До 15 август, Комисијата за спречување корупција има примено 357 жалби за наводна корупција од кои потоа излегле 10 барања за кривичен прогон за сомненија за злоупотреба на јавни пари од сегашни и поранешни функционери, меѓу нив и од пет актуелни градоначалници.

Во извештајот се издвојува шестгодишната затворска казна за Никола Груевски, поради нелегално финансирање на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како и казната затвор од три години за Сашо Мијалков, со дополнување дека тој казната затвор ја отслужува во затвор од отворен тип поради тоа што го променил неговото место на живеење.

Од Стејт департментот велат дека Министерството за правда има направено работна група за да изработи амандмани на Законот за извршување на санкции со цел да се превенираат вакви ситуации во иднина, односно нешто што стана познато како „затворски туризам“.

Според извештајот, постојан проблем во Република Северна Македоноија е семејното насилство, кое е нелегално. Министерството за труд и социјална политика има регистрирано 662 жртви на семејно насилство од кои 463 се жени и 83 деца. Јавното обвинителство има добиено 625 тужби поврзани со родово-базирано насилство, од кои 222 се отфрлени. Скопскиот кривичен суд има донесено пресуда во 45 случаи за родово-базирано насилство, од кои 21 пресуди имаат завршено со условни казни.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author