https://www.facebook.com/photo?fbid=753970869433188&set=pcb.753970942766514

07.03.2023 Скопје

Во текот на вчерашниот ден, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со свое обраќање беше дел од Конференција во организација на Министерството за труд и социјална политика во рамки на караванот за родова еднаквост на тема „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта”, што се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје.

На Конференцијата свои обраќања на темата имаа и: министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, министерката за одбрана Славјанка Петровска, деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, аѓутантката на Претседателот на Република Северна Македонија, Билјана Блажевска, професорката од Факултетот за безбедност, Стојанка Мирчевска, претседателот на МПС, Марјан Кицев и претставнички и претставници од Министерствата за внатрешни работи и одбрана во униформа.

„Наша задача како креатори на политики е да се залагаме за економска и социјална рамноправност, за создавање услови за нашите мајки, сопруги и ќерки, за нашите колешки и соработнички полесно да се справуваат со дискриминацијата, насилството и сиромаштијата”, истакна Спасовски во своето обраќање.

Спасовски додаде дека во однос на принципот на застапеност на жената во полицискиот систем на Министерството за внатрешни работи, направен е објективен и проверлив прогрес.

„Напредокот на имплементацијата од овој аспект секогаш може и треба да биде подинамичен, особено ако се има предвид дека се креирани сите потребни нормативни и професионални претпоставки. Токму во поглед на родовата рамноправност и правичната застапеност, во последниве неколку години многу работи придвиживме во Министерството за внатрешни работи. Од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на Бирото за јавна безбедност – имаме колешки кои се раководителки на Оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија. Денеска можеме да се пофалиме со жени кои се вклучени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај”, рече Спасовски.

Министерот Спасовски истакна дека продолжува вложувањето во задоволна полиција и во 2023 година, потенцирајќи дека за изградба на силна институција и етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста „во интерес на сите наши граѓани, ние и во 2023 година континуирано вложуваме во нова генерација на комплетно опремени и задоволни полициски службеници“.

На крајот од своето обраќање, Спасовски порача дека реформскиот курс што ова раководство го одреди на почетокот на мандатот, за динамично и сеопфатно подобрување на условите за работа, овозможувајќи целосно сообразување со стандардите и вредностите на функционирање на модерните полиции во светот – продолжува со несмалено темпо.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска истакна дека родовата еднаквост е од суштинско значење за искористување на потенцијалот на целото општество, а не само 50 отсто од него.

Потполковник Александра Доневска која е офицер за родова еднаквост од Кабинетот на Началникот на Генералштабот на Армијата, истакна, дека зададената ЦЕЛ, може да се постигне, без разлика на тоа дали имало или немало стереотипи, кога ќе се постигне целта, се докажува дека тие стереотипи не се вистински и можат да се променат. А жените што се на служба во армијата, до сега придонесувале и треба да дадат уште поголем придонес во оспорувањето на општествените стереотипи и да докажат дека жените можат да одговорат на поставените задачи исто како и своите колеги.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author