buchava

23.03.2023 Скопје

Повеќето од нас се запознаени со бесот на патиштата, агресивно возење што е предизвикано од стрес или гнев зад воланот. Но, ѕвонењето на сирените и вртењето на моторите не влијае само на оние во возилото, исто така може да го зголеми крвниот притисок на луѓето што живеат во близина на патот.

Претходните истражувања покажаа поврзаност помеѓу бучавата од патниот сообраќај и зголемениот ризик од хипертензија, висок крвен притисок, но сè уште не беше јасно дали бучавата или загадувањето од сообраќајот е причината. Сега, истражувачите велат дека имаат докази за тоа.

Користејќи ги податоците за здравствениот исход од биомедицинската база на податоци UK Biobank, која содржи генетски и здравствени информации од половина милион учесници во ОК, истражувачите анализирале податоци од повеќе од 240.000 лица на возраст од 40 до 69 години кои првично немале хипертензија.

Тимот од Американскиот колеџ за кардиологија користеше станбени адреси и европска алатка за моделирање, Common Noise Assessment Method, и ги разгледа последователните податоци во просек од 8,1 година за да види колку луѓе развиле висок крвен притисок.

Резултатите ги изненадија истражувачите. Луѓето кои живеат во близина на бучавата од патниот сообраќај не само што имале поголема веројатност да развијат висок крвен притисок, туку и ризикот од овој исход се зголемувал со „дозата“ на бучава, дури и кога истражувачите се приспособувале на фините честички и азот диоксид.

Вишиот автор Казем Рахими, професор по кардиоваскуларна медицина и здравје на населението на Универзитетот во Оксфорд, изјави: „Бидејќи областите што се бучни имаат тенденција да имаат и високо ниво на загаденост на воздухот, едно прашање што се поставува е дали секоја од нив независно придонесува за ризик и тоа навистина беше случај. Животот во бучни и загадени зони го зголеми ризикот од хипертензија“.

Тоа не значи дека загадувањето на воздухот не игра улога во хипертензијата, оние кои имале висока изложеност на бучава од патниот сообраќај и загадување на воздухот имале најголем ризик од хипертензија.

„Не откривме праг на бучава над кој ризикот почна да се зголемува. Ризикот се зголемуваше со повисоките нивоа на бучава, почнувајќи од најниската категорија што беше измерена во студијата“, рече Рахими, додавајќи дека тоа е 10 децибели.

Рахими нагласи дека асоцијацијата беше оценета, тоа значи дека колку е повисоко нивото на бучава, толку е поголем ризикот од хипертензија во иднина. Исто така, додаде дека политиката за контрола на бучавата од патниот сообраќај како општествен напор би била од помош, како што е поставување построги упатства за бучавата и спроведување, подобрување на условите на патиштата и урбаниот дизајн и инвестирање напредна технологија на потивки возила како што се ЕВ (електрични возила).

Според Светската здравствена организација (СЗО), околу 1,28 милијарди возрасни луѓе на возраст од 30 до 79 години во светот имаат хипертензија, а две третини живеат во земји со низок и среден приход.

Состојбата го зголемува ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар, кои се две водечки причини за смрт кај Американците, според Центрите за контрола и превенција на болести. Но, се проценува дека 46% од возрасните не се свесни дека имаат хипертензија, според СЗО.

Светската здравствена организација истакна дека постарата возраст, генетиката, прекумерната тежина или дебелината, нефизичката активност, исхраната богата со сол и пиењето премногу алкохол го зголемуваат ризикот од висок крвен притисок.

Бидејќи состојбата обично нема симптоми, најдобриот начин да откриете дали ја имате е да го измерите вашиот крвен притисок, за да можете да го контролирате и да го намалите ризикот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author