13.03.2023 Скопје
Според новиот Закон за платежни услуги и платни системи кој го претстави Народната банка, освен штедилници и банки, и продавници и супермаркети ќе можат да даваат платежни услуги, а граѓаните ќе можат да си ги платат сметките за струја, вода и парно додека пазаруваат и плаќаат за производите на каса.
Законот вели дека платежна институција и институција за електронски пари може да биде трговско друштво основано во Република Северна Македонија, кое добило дозвола од Народната банка за давање на овие услуги.
Игор Величковски, директорот на Дирекцијата за платни системи во Народната банка на работилница за новиот закон, истакна дека од оваа година и штедилниците ќе може да даваат платежни услуги, но и трговски друштва може да бидат платежни институции.
Секое трговско друштво кое ги исполнува критериумите и кое добило дозвола од НБРМ ќе може да дава платежни услуги со тоа што за разлика од банките нема да може да собира депозити, ниту да дава кредити.
За да аплицира за давање на овие услуги, трговското друштво кое сака да се регистрира за платежна институција ќе треба да има почетен капитал од 20.000 евра кој ќе достигне до 125.000 евра за одреден период, Институцијата за електронски пари треба да има почетен капитал од 60.000 евра кој потоа ќе достигне 350.000 евра.
Со новиот закон ќе има специјализирани институции што ќе издаваат електронски пари. Тоа се пари што се ставени на картичка и не се поврзани со транскциска, односно со платежна сметка.
Преку воведувањето на платежна сметка со основни функции граѓаните ќе можат да извршуваат платежни трансакции за подмирување на нивните сметки за вода, за електрична енергија, за греење и телекомуникации или трансфер на парични средства на друго лице, односно пет трансакции за вкупна месечна сума која сега изнесува 31 денар. Над таа бројка, банката или давателот на платежна услуга ќе си ја одредува цената за плаќање на налозите.
Подготвено од А.Ѓ.