elektrichna energija

02.03.2023 Скопје

Словачка има околу 122 милиони евра наменети за развој на производство на електрична енергија од обновливи извори во Националниот план за обновување.

Развојот на обновливите извори на енергија е во надлежност на Министерството за економија, кое веќе го затвори првиот повик. Поголемиот дел од 39 милиони евра, кои беа достапни, беа наменети за соларна енергија бидејќи проценката на животната средина обично трае подолго за другите електрани од обновливи извори, како што се ветерниците.

Со првиот дел од парите државата поддржа 90 компании, пред се индустриски претпријатија, но и малопродажни синџири или енергетски компании на кои производството на електрична енергија е главна заработувачка дејност.

Словачка во минатото имаше лоши искуства со поддршката на обновливата електрична енергија. Во 2009 година, неколку олигарси поврзани со партијата Смер-СД на тогашниот премиер Роберт Фицо добија поволни договори.

Тогаш владата на соларните централи им доделуваше гарантирани повластени тарифи за 15 години, речиси десет пати повисоки од пазарната цена во следните години. Оваа поддршка државата ја отслика и во сметките за струја кои луѓето и денес ги плаќаат.

Актуелната влада сакаше да избегне слична форма на поддршка поради старите скандали. Затоа, за време на поранешниот министер Ричард Сулик, Министерството за економија избра аукции како инвестициска помош, при што парите не доаѓаат од потрошувачите, туку од ЕУ.

Министерството најпрво сакаше да подели 18 милиони евра на заинтересираните страни. Сепак, подоцна го зголеми износот.

„До Министерството за економија беа доставени голем број висококвалитетни проекти кои ги исполнуваа сите услови. Со оглед на тоа, за да го поддржи максималниот број од нив, Министерството ја зголеми распределбата на повикот на 39 милиони евра“, рече Марија Павлусик, портпаролка на Министерството за економија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author