https://www.facebook.com/jspskopjee/photos/a.151090738354791/2275766612553849

02.03.2023 Скопје

На градско-приградските линии од скопскиот јавен превоз во Скопје лани биле превезени нешто помалку од 28,5 милиони патници, што е за фрапантни 15 милиони патници помалку во споредба со бројот на превезени патници што ЈСП Скопје го имал пред почетокот на Ковид-19 пандемијата.

Ова се катастрофални резултати во работењето за експертите и бараат час поскоро да се вратат приватните превозници во сообраќај и претходниот возен ред, кој подразбираше поголем број на поаѓања на автобусите на линиите.

Според Годишниот извештај за работењето на ЈСП Скопје за 2022 година, бројот на превезени патници лани изнесувал 28.496.000 патници. Во споредба со 2021 година, забележан е раст кај бројката на превезени патници од 5.360.000, но треба да се земе во предвид фактот дека токму во 2021 и 2020 година, во услови на Ковид-19 пандемијата, во одредени периоди беа воведени полициски часови со ограничување на движењето на граѓаните, се одвиваше онлајн настава во училиштата, а голем број од граѓаните работеа од дома.

Откако се олабавија мерките, скопскиот јавен превоз се врати во нормала со сообраќањето на автобусите до минатата есен, кога приватните превозници од „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ престанаа да возат, а ЈСП Скопје ја презеде обврската да ги одржува сите градско-приградски линии во Скопје. Сепак, статистичките податоци покажуваат дека во 2022 година за дури 15 милиони патници е намален бројот на превезени патници во споредба со периодот од пред појавата на Ковид-19 пандемијата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author