01.03.2023 Скопје
Малтретирањето во албанските училишта е во пораст, речиси двојно зголемено во последната година, повеќе влијае на момчињата отколку на девојчињата, но исто така ескалира во насилство што ја шокираше јавноста во текот на минатата недела.
Истражниот портал Reporter.al зеде податоци од три од четирите регионални дирекции за образование во Драч, Леже и Фиер, со вкупно 1945 случаи за пет години.
Извештаите за малтретирање се зголемија од 491 случај во учебната 2019-2020 година на речиси 900 случаи во учебната 2021-2022 година. Од пријавените случаи во последните три години, момчињата биле жртви во 811 случаи, додека девојчињата во 667 случаи.
Дирекцијата што ги покрива двете најголеми области во земјата, Драч и Тирана, имаше најмногу извештаи со 1088.
Портпаролот на дирекцијата во Драч изјави дека кога случајот е комплициран или малтретирањето не престанува, случајот го следи и постапува комисијата за посредување, етичката комисија или дисциплинската комисија.
Од Регионалната дирекција за предуниверзитетско образование изјавија дека изготвиле регулативи за борба против малтретирањето, како и за спроведување активности за подигање на свеста со родителите, учениците и наставниците.
Во Леже, каде што беа пријавени 467 случаи за три години, властите рекоа: „Случаите на насилство и малтретирање идентификувани како предизвикани од фактори надвор од образовните институции се упатени на специјализирано управување во соодветните структури, координирајќи го управувањето со случајот со образовната институција.”
Психологот Арјана Муца за медиумите изјави дека малтретирањето може да има многу форми и да предизвика траума кај субјектите.
„Последиците од малтретирањето се траумите низ кои поминуваат децата. Искуства на чувства на анксиозност, страв, ниска самодоверба, изолација, па дури и депресија кај тинејџерите, што може да доведе до самоубиство…“, рече таа.
Во меѓувреме, Националната телефонска линија за побезбеден интернет за деца во Албанија неодамна објави дека во 2022 година, најчеста причина поради која децата ги повикуваат на помош е малтретирањето, и онлајн и офлајн.
„Албанија има долг пат да изоди за да обезбеди сигурност и безбедност на секое дете и млад човек што ќе се вклучи на интернет. Од податоците што ги собравме од iSIGURT во последните седум години, веруваме дека онлајн светот станува поопасен и поексплоататорски за децата. Итно е да започнеме да развиваме нови закони и политики за да ги решиме сите овие недостатоци заедно со индустријата“, изјави Алтин Хазизај во име на CRCA/ECPAT Албанија.
Извештајот за 2022 година покажа значително зголемување на говорот на омраза и онлајн малтретирањето кон децата. Повеќето инциденти на онлајн малтретирање се случија на ТикТок, а потоа на Инстаграм и на Фејсбук.
На насловните страници во Албанија во последните неколку дена беа објавени два инциденти на тинејџерки кои употребија насилство една врз друга. Во вторникот, видеото стана вирално на кое се гледаат две адолесцентни девојчиња како се тепаат и се влечат за коса. Следува уште еден инцидент кога две ученички насилно се нападнале.
Психологот Цилјета Симаку изјави дека модерното општество, вклучително и социјалните медиуми, игрите и телефоните, предизвикува „ментален одлив“. Воедно, истакна дека децата се оддалечија од книгите, се оддалечија од активностите во заедницата, што ги тера да се соживуваат и да се борат против сиромаштијата, и сите овие аспекти нè тераат да имаме вакви настани. Несомнено, сиромаштијата ги турка луѓето да создаваат такви ситуации.
Подготвено од А.Ѓ.