17.03.2023 Скопје
Берлинскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека нема знаци за нова финансиска криза во Германија и Европа по банкротот на банката во Силиконската долина и турбуленциите поврзани со работењето на швајцарскиот Credit Suisse.
„Не гледам опасност. Монетарниот систем повеќе не е ранлив како што беше пред финансиската криза“, истакна Шолц.
Тој изјави дека не очекува никакви последици за германските штедачи.
„Депозитите на германските штедачи се безбедни. Не само поради поголемата отпорност на банкарскиот систем и построгите регулативи, туку и поради нашата економска сила. Живееме во сосема поинакво време“, рече Шолц, осврнувајќи се на споредбите со финансиската криза во 2008 година.
Германскиот канцелар истакна дека законодавците и банкарските регулатори научија лекции од банкротот на Леман, а банкарската регулатива е построга отколку тогаш.
„Гледаме дека одговорните во САД, Велика Британија и неодамна во Швајцарија постапија брзо и решително“, додаде тој.
По банкротот на Силиконската долина банка минатата недела, имаше турбуленции во финансискиот систем, кои потсетуваат на финансиската криза од 2008 година.
Швајцарската централна банка денеска ја поддржа банката Credit Suisse со 50 милијарди швајцарски франци дополнителна ликвидност со цел да се запре кризата на доверба во банкарскиот сектор, која беше предизвикана од турбуленциите во глобалниот финансиски систем.
Подготвено од А.Ѓ.