27.03.2023 Скопје
Во невидена политичка иницијатива, пет зелени партии од земјите од Западен Балкан, плус Хрватска, во неделата потпишаа декларација за платформа за соработка, ветувајќи дека ќе работат заедно за мирот и животната средина и против корупцијата.
Декларацијата беше потпишана во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина.
„Сакаме да му ветиме сто години мир на регионот. Доста ни е од поделби, доста од ѕидови, дојдовме да изградиме мостови меѓу нас. Мислиме дека целиот регион треба да се приклучи на ЕУ заедно, бидејќи има повеќе работи што не обединуваат отколку оние што не разделуваат“, рече Амна Поповац, лидер на босанската зелена партија „Хоцемо“ (Ние сакаме).
Останатите пет партии се Албанската Зелена партија, Ура од Црна Гора, Дом (Дома) од Република Северна Македонија, Заједно (Заедно) од Србија и Ора (Орев) од Хрватска, која е членка на ЕУ и не е дел од шесте западнобалкански, но дели заедничка историја со регионот како поранешна членка на сега веќе непостоечката југословенска федерација.
Косово е единствената земја од Западен Балкан чија зелена партија засега не учествуваше во иницијативата.
„Ние сме обединети по природа, но нè обединува и корупцијата. Затоа, зелените партии од Западен Балкан решија да работат, заедно со заштитата на животната средина, на борбата против корупцијата и на одржувањето на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан“, рече Поповац.
„Можете да видите дека е можно да се постигнат договори. Ако ние, зелените, постигнавме договор, зошто социјалдемократите не би го направиле тоа? Зошто конзервативците не го прават тоа? На крајот на краиштата, ние имаме заеднички интерес – добар живот за нашите граѓани, а нè има 20 милиони“, додаде Небојша Зеленовиќ, копретседател на српската партија Заједно.
Сите шест земји од Западен Балкан го поставија членството во ЕУ како политички приоритет.
Црна Гора и Србија се веќе во пристапните преговори, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се официјални кандидати, додека Косово официјално поднесе апликација за членство во декември 2022 година.
Подготвено од А.Ѓ.