gavril bube

11.03.2023 Скопје

Шефот на скопското Јавно обвинителство, Гаврил Бубевски, истакна дека е очигледна недовербата во правосудството, но мора да се направи анализа за начинот што евентуално би ја подобрил перцепцијата во јавноста, потенцирајќи дека мора да се најде некаков концепт, да се направи анализа во што лежи проблемот за целата оваа недоверба, вклучително и на корупцијата и „да кажеме, добро, ова сме го утврдиле, овие кадри не може да ни ја донесат подобрата иднина, треба да си одат“.

Бубевски се согласува и за ветинг и за предвремено пензионирање, дури и на неговата генерација ако сметаат дека тоа е проблем за правосудниот систем, истакнувајќи дека постои држава од балтичките земји што ги има отпуштено сите поради недоверба во правосудството. Воедно, истакна дека треба да се направат кадри што на граѓаните ќе им ја донесат правдата, затоа што народот е желен за тоа и очигледно е дека не е задоволен од овие институции.

Ниското ниво на доверба, како што истакна Бубевски, постои од осамостојувањето на државата, па и пред тоа. Според него, повеќе фактори имаат придонесено за таквата состојба, но сепак, најголемата вина за недовербата, тој ја лоцира во редовите на правосудната фела.

„Најверојатно, највиновни за сето тоа во контекст на довербата сме самите ние, од правосудната фела. Ние треба да се избориме за поголема доверба и сметам дека преку транспарентност во нашите постапки, сега сѐ повеќе обвинителите и судиите се охрабруваат и излегуваат пред јавноста, кажуваат зошто така постапиле, имаат аргументација за своите одлуки. Дури и да е погрешна аргументацијата, после може да се споредува со друга аргументација, да се види зошто еден обвинител или судија така мислел. Значи, доколку ние се отвориме пред јавноста, транспарентно, доколку ги дигитализираме нашите процеси во коишто ќе имаат лесно увид и странките, тогаш мислам дека довербата сѐ повеќе ќе се враќа“, истакна Бубевски.

Според шефот на ОЈО Скопје, неговите колеги во целост ја оправдуваат довербата што им е дадена, но посочува и дека обвинителската професија е индивидуална и секој сам ја крои својата кариера. Воедно, додаде дека најголем број на кадрите во неговото обвинителство се од Академијата за судии и јавни обвинители.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author