27.03.2023 Скопје
Министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Ољта Џачка денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, при што ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи, теми на разговор на средбата меѓу министрите Османи и Џачка се очекува да бидат посветеноста на двете земји за одржување на високото ниво на билатералната соработка, пристапниот процес за членство на двете држави во ЕУ, соработката во рамки на НАТО и регионалната динамика, со посебен осврт на неодамна постигнатиот договор меѓу Косово и Србија.
Предвидено е Џачка да оствари средби и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата, Артан Груби и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Подготвено од М.Н.