severna koreja

20.03.2023 Скопје

Севернокорејскиот претседател Ким Џонг-ун ја повика својата земја да биде подготвена да изврши нуклеарни напади во секое време, обвинувајќи ги САД и Јужна Кореја за проширување на заедничките воени вежби со американско нуклеарно оружје.

Во саботата и неделата, Ким Џонг-ун ги надгледуваше вежбите кои симулираа нуклеарен контранапад врз САД и Јужна Кореја како предупредување до сојузниците.

За време на вежбата беше истрелана балистичка ракета со имитација на нуклеарна боева глава. Ракетата поминала 800 километри и ја погодила целта на височина од 800 метри во сценарио на тактички нуклеарен напад.

Јужна Кореја и Јапонија објавија дека Северна Кореја лансирала балистичка ракета со краток дострел во неделата од источниот брег на земјата.

Локалните медиуми пишуваат дека вежбите биле насочени кон зајакнување на „способноста за воено одвраќање и нуклеарни контрамерки“, обвинувајќи ги Вашингтон и Сеул за „јасен обид да започнат војна“ против земјата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author