17.03.2023 Скопје
Северна Кореја денеска соопшти дека истрелала интерконтинентална балистичка ракета со цел „да им влее страв на непријателите“.
Ракетата беше лансирана во четвртокот наутро неколку часа пред јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол да се сретне со јапонскиот премиер Фумио Кишида на самит, кој делумно има за цел обнова на безбедносните врски меѓу американските сојузници соочени со севернокорејските нуклеарни закани.
Официјалната новинска агенција на Северна Кореја соопшти дека претседателот Ким Џонг Ун го надгледувал пробниот оган на ракетата Хвасонг-17 и ја нагласил целта да се „внесе страв кај непријателот“ поради, како што рече, „отворено непријателство“ покажано кон Северна Кореја од заедничката војска на САД и Јужна Кореја.
Ракетата била лансирана под висок агол за да се избегне територијата на соседот на Северна Кореја, а проектилот достигнал максимална височина од 6.045 километри и поминал 1.000 километри пред да падне во водите на источниот брег на земјата.
Северна Кореја го засили својот одговор на американско-јужнокорејските воени вежби, најголеми од ваков вид во последниве години, со истрелување четири проектили за околу една недела.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден сака подобри врски меѓу Јужна Кореја и Јапонија, кои се во опаѓање поради историските прашања во последниве години, бидејќи се обидува да ја зајакне својата мрежа на сојузници во Азија за да се спротивстави на нуклеарната закана на Северна Кореја и зголеменото влијание на Кина.
Покрај комбинираните вежби кои започнаа во понеделникот и ќе траат до 23 март, САД и Јужна Кореја исто така учествуваат во вежби со подморници, заедно со Јапонија, Канада и Индија, кои започнаа во средата.
Подготвено од А.Ѓ.