daunov sindrom dete

21.03.2023 Скопје

Под мотото „Со нас – не за нас“ денес се одбележува Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, кој е фокусиран на пристапот заснован на човековите права кон попреченоста, право да се третираат праведно, да имаат исти можности и слобода да направат сопствен избор.

Даунов синдром е медицинска состојба која се манифестира како хромозомска абнормалност. Името го добива по Британскиот доктор John Langdon Down, кој прецизно ги опишува карактеристиките на овој синдром во 1866 година. Поради тоа што физичките карактеристики на луѓето со овој синдром биле слични со жителите на Монголија, го употребувал терминот “mongoloid” што денес се однесува на Даунов синдром. Jerome Lejeune подоцна во 1959 година открива дека синдромот е резултат на хромозомски абнормалности.

Поголемиот број на луѓе со Даунов синдром имаат проблеми со слухот и видот, нарушување на тироидната жлезда, слаб имунолошки систем, респираторни проблеми, кашлање и настинка.

Во денешното соопштение од Министерството за здравство се наведува дека децата со Даунов синдром треба да имаат редовни контроли кај нивниот педијатар или семеен лекар бидејќи овие лица имаат поголема веројатност да развијат одредени заболувања од општата популација. Оттаму им порачаа на родителите да ги носат на редовни контроли за слух, вид и општото здравје, како и да ги охрабрат своите деца да бидат физички поактивни.

За лица со Даунов синдром се препорачува да посетуваат логопед за помош при зборување, физиотерапевт за помош при одење, доколку имаат намален мускулен тонус, оптометрист и/или специјалист за слух – за помош со видот и слухот, како и да се разговара со семејниот лекар или педијатар за информации како дете може да ги добие овие услуги.

Физички карактеристики кои се јавуваат кај лицата со Даунов синдром се хипотонија, вишок кожа на вратот, рамен профил на лицето, бели дамки на обоениот дел на окото, закосен очен капак, широк корен на носот, мала уста што го прави јазикот да изгледа малку голем, мали уши, широки, кратки раце со кратки прсти, бразда на дланката, голем простор меѓу првиот и вториот прст на нозете, подпросечна тежина и должина на раѓање.

Сепак секое дете си има свој карактер, желби и амбиции, за чие исполнување во општествата со вкоренети предрасуди неопходна е силна поддршка и упорност.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author