korupcija

23.03.2023 Скопје

Во најновиот извештај за човековите права на Стејт Департментот на САД се наведува дека во Република Северна Македонија е застапена корупција во која е вклучена Владата, како и судиите, затворските службеници и други функционери, кои ја злоупотребуваат службената положба.

Политичката партија Демократски сојуз соопшти дека анализата покажува дека во Република Северна Македонија и натаму се зголемува корупцијата, како и дека отсуствува ефикасна и неселективна борба против организираниот криминал, пред се поради високата партизација и политизација на државните институции задолжени за откривање, гонење и пресудување.

Од Демократски сојуз информираат дека до Собранието имаат доставено Предлог-закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој се предвидува формирање независна Агенција за борба против корупцијата. Но, пратеничката група на СДСМ добила насоки од раководството на партијата прво да се развлекува ставањето на овој закон на дневен ред, а доколку се стави, да го отстранат од дневен ред со што ќе спречат во парламентот да се отвори расправа.

Со соопштението на Демократски сојуз се повикуваат сите пратеници да го поддржат овој законски проект со што ќе се отвори „војна против криминалот“ и ќе започне искоренување на високата корупција која ги кочи евроинтеграцииите и ги разорува државните институции.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author