16.03.2023 Скопје
Општина Сарај соопшти дека по барање на општината, Владата донела одлука стариот руиниран базен со спортско-рекреативниот центар „Сарај“, кој пред многу години во летните месеци, освен езерото „Треска“, беше едно од омилените собиралишта на скопјани, да помине под надлежност на Општината, најавувајќи дека е можно повторно да заживее.
Од Сарај информираат дека имајќи ја предвид состојбата на демолираниот базен и околните објекти кои не се во функција повеќе од 30 години, сега со менаџирањето на Општина Сарај се отвораат можности овој базен да се ревитализира и повторно да стане атракција за жителите.
Реновирањето на базенот ќе одигра важна улога во привлекувањето на туристи во оваа зона, што значително ќе влијае и за економскиот развој на општината и локалните бизниси.
Исто така, од Општината додаваат дека ревитализацијата на стариот базен може да обезбеди бројни придобивки, меѓу кои зголемување на вредноста на имотот во околината, зголемени даночни приходи за општината, развој на спортски активности, како и други еколошки придобивки.
Подготвено од М.Д.