09.03.2023 Скопје
Во најновиот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2023“, Република Северна Македонија има годишен индекс на слободата од 68 од можни сто поени, што е напредок од еден индексен поен во споредба со лани.
Извештајот покажува дека со оценката 68, Република Северна Македонија е рангирана во групата на „делумно слободни“ држави. Во истата група се и повеќето земји во регионот, како Србија која бележи пад и има 60 поени, исто колку и Косово, кое, пак, има напредок од четири поени. Албанија и Црна Гора имаат оценка 67, Бугарија 79, Хрватска 84 и Грција 86.
Највисок индекс на слободи меѓу земјите во регионот има Словенија – 95, а најнизок Босна и Херцеговина – 52.
„Фридом хаус“ во најновиот извештај забележува дека глобалната слобода се намалува 17-та година по ред.
Организацијата оценува дека руската инвазија доведе до катастрофални нарушувања на човековите права во Украина, а новите преврати и други обиди за поткопување на избраните власти ги дестабилизираа Буркина Фасо, Тунис, Перу и Бразил, оценува организацијата.
Земји со најголеми слободи во светот се Шведска, Норвешка и Финска со маскимални 100 поени, САД имаат 83, Русија 16, Кина 9, а Украина 50. Најнеслободни држави се Северна Кореја со три и Сирија со еден поен.
Подготвено од А.Ѓ.