01.03.2023 Скопје
Откако денеска приватните превозници постигнале договор со Град Скопје, тие повторно ќе бидат дел од јавниот превоз.
Приватните превозници веќе четврти месец не се дел од јавниот превоз бидејќи Градот ги раскина договорите со нив. Оттаму велат дека сега нивните барања се исполнети и најдоцна до понеделник ќе биде распишан нов оглас за сите линии и во наредниот период ЈСП „Скопје“ ќе им го исплати долгот, за кој Арсовска велеше дека не постои.
Јовица Зафировски, еден од приватните превозници, истакна дека сега линиите ќе бидат поделени во три пакети односно ќе настапуваат преку три нови фирми, а не преку „Слобода превоз“ и „Макекспрес“. Приватните превозници веруваат дека ќе им се исплати долгот затоа што откако настапиле со нови фирми сите барања им се прифатени.
Кон крајот на март, приватните превозници би требало да се вратат на улиците во Скопје.
Зафировски додаде дека Градот ќе им дава субвенции на превозниците за да можат да набават нови еколошки автобуси кои ќе ги задоволат еколошките стандарди, бидејќи кај дел од превозниците возниот парк е застарен.
Подготвено од А.Ѓ.