31.03.2023 Скопје
Претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Северна Македонија, ја повика Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.
Претседателот Пендаровски смета дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет.
Како што информираат од Уставниот суд, со првата укината одредба е утврдено дека основицата за пресметување на плата на избраните и именуваните лица се применува од јануари 2012 година и е во износ од 25.726 денари, додека со втората укината одредба е предвидено дека платите на избраните лица во 2014 година може да се зголемат за 4 отсто започнувајќи со исплатата на платите во 2014 година.
Судот утврди дека истовремено постојат две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата oпфатени во еден ист закон, односно едното е член 11 од Законот, според кое, основицата се определува според просечната плата остварена во претходната година што ја утврдува Државниот завод за статистика, а второто правило е оспорената одредба од член 4 во кој основицата е утврдена во фиксен износ од 25.726 и која со усогласувањето од 4 отсто (предвидено со второспорената одредба) изнесува 26.755,оо денари што е всушност основица која е моментално во сила односно примена.
Поради горе наведеното, Судот оцени дека укинатите одредби не се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.
Подготвено од М.Н.