29.03.2023 Скопје
Претседателот на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, кој на покана на шефот на државата Стево Пендаровски, престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска ќе го започне работниот дел од посетата, а покрај средба со претседателот Пендаровски, ќе има средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со премиерот Димитар Ковачевски.
Австрискиот претседател, кој е во придружба на неговата сопруга Дорис Шмидауер, ќе се обрати и на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.
Според агендата за посетата, двајцата претседатели треба да се обратат на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Република Северна Македонија и Австрија“.
Престојот во Република Северна Македонија австрискиот претседател Ван дер Белен го започна вчера со посета на Охрид, а денес се предвидува и посета на црквата Св.Спас каде двајцата претседатели ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев.
Подготвено од М.Н.