24.03.2023 Скопје
Повеќе од 1.600 жители на источните шпански провинции Кастељон и Теруел се евакуирани поради шумските пожари што зафатија површина од повеќе од 1.000 хектари.
Властите наредија евакуација на луѓето од девет градови во Кастељон во северниот дел на регионот Валенсија и два града во соседната провинција Теруел.
Претседателот на владата на Валенсија, Ксимо Пуиг, изјави дека 400 пожарникари ќе работат напорно во текот на ноќта за да го спречат ширењето на пожарот и додаде дека 18 авиони ќе им се придружат на спасувачите наутро доколку временските услови дозволат.
Шпански весник наведува дека властите на Валенсија повикале и специјална воена единица за вонредни ситуации, која мобилизирала 74 воени лица, 19 автомобили и 12 противпожарни возила за гаснење на пожарот.
Началникот на регионалното МВР Салвадор Алменар изјави дека пожарите настанале поради отсуство на дожд два месеци.
Подготвено од А.Ѓ.