16.03.2023 Скопје
Министерот за правда Кренар Лога го потпиша Решението со кое барањето за добивање на одобрение за користење на името „Иван Михајлов” во називот на употреба на Здружението Културен Центар Иван Михајлов-Битола се одбива како неосновано.
Лога го потпиша решението имајќи го во предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности, која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура.
Министерството за правда соопшти дека величењето и славењето на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество. Во членот 9-а од Законот за здруженија и фондации за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност, наведено е дека согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности.
Подготвено од А.Ѓ.