https://www.facebook.com/photo/?fbid=674218660838097&set=pb.100047499063575.-2207520000.

29.03.2023 Скопје

Унгарија ќе го одложи приемот на Шведска во НАТО поради критиките од Стокхолм на сметка на политиката на премиерот Виктор Орбан, соопшти денеска унгарската Влада.

По неколку месеци одолговлекување од страна на владејачката партија Фидес на Орбан, унгарскиот Парламент завчера го одобри предлог-законот со кој се дозволува Финска да се приклучи на НАТО, но барањето на Шведска и натаму е на чекање.

Портпаролот на Владата, Золтан Ковач изјави дека премостувањето на јазот бара напор од двете страни, и додаде дека шведските претставници „во повеќе наврати се обидувале по дипломатски пат да ја нападнат Унгарија, користејќи го нивното политичко влијание за да им наштетат на унгарските интереси“, алудирајќи на шведските критики за падот на владеењето на правото од страна на Владата на Орбан во последните 13 години.

Шведска и Финска побараа приклучување во воениот сојуз НАТО минатата година, по рускиот напад врз Украина, но процесот беше запрен од Унгарија и Турција.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, минатата недела објави дека турскиот Парламент, исто така, ќе го започне процесот на ратификација на приемот на Финска, додека Шведска се уште ќе биде на листата на чекање.

Подготвено од М.Н.

About Author